Американски конгресмени поднесоа резолуција за влез на Косово во НАТО

Конгресменот Кит Селф (републиканец од Тексас), заедно со конгресмените Ричи Торес (демократ од Њујорк) и Мајк Лолер (републиканец од Њујорк), поднесоа резолуција во Претставничкиот дом на САД со која се изразува силна поддршка за интеграцијата на Косово во НАТО.

Во резолуцијата се нагласува дека демократското владеење на Косово, цивилната контрола врз безбедносните сили и мултиетничкиот соживот претставуваат убедлива основа за членство во Алијансата. Дополнително, иницијаторите посочуваат дека во време кога непријателските сили се обидуваат да го дестабилизираат регионот, вклучувањето на Косово во НАТО би послужило како неопходна противтежа за спречување на овие напори и избегнување на уште една голема криза на Балканот.

Косово прогласи независност во 2008 година и оттогаш е признаено од над 100 држави, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави и мнозинството земји-членки на НАТО. Сепак, отсуството на едногласно признавање од сите сојузници во рамките на Алијансата (поради фактот што четири членки сè уште не го признаваат) останува главната пречка за интеграција на земјата..