Началникот на вооружените сили на Уганда, Мухузи Каинеругаба, предизвика бура реакции на социјалните мрежи откако објави резултати од ДНК-тест кои, според него, докажуваат дека има грчко потекло.
Син на претседателот на Уганда, Јовери Мусевени, Каинеругаба на платформата „Икс“ (поранешен Твитер) откри интересни детали за своите корени. Според резултатите кои ги сподели, 14 проценти од неговите гени се совпаќаат со генетскиот профил на Грците, пренесува „Грик рипортер“.
„Неодамна си го проверив ДНК-то. Изгледа дека сум 14% Грк? Секогаш знаев дека сум поврзан со Александар Велики. Ќе ја посетам Грција и се надевам дека нема да ми бараат виза“, напиша Каинеругаба во својата најнова објава која привлече големо внимание.
„Државна тајна“ и шаренолико потекло
Каинеругаба, кој неодамна беше назначен на највисоката функција во одбраната од страна на неговиот татко, детално го образложи својот генетски профил. Освен грчките корени, тестот покажал и други влијанија во неговата крв:
- 19% сомалиско потекло
- 7% англиско потекло
Она што предизвика дополнително внимание е неговата изјава дека остатокот од генетската структура е класифициран како „државна тајна“. Осврнувајќи се на имиграцијата, тој додаде дека верува оти повеќето луѓе во Уганда имаат сличен генетски профил.
Скандалите на „генералот што твита“
Дел од медиумите често го нарекуваат „генералот што твита“ поради неговата честа, отворена и неретко контроверзна активност на социјалните мрежи. Во последните години тој сè поотворено коментира политички и општествени прашања, што понекогаш води до меѓународни инциденти.
Само пред две недели, тој упати бизарни барања до Турција, заканувајќи се со прекин на дипломатските односи доколку не бидат исполнети:
- Исплата на една милијарда долари.
- Најубавата жена во Турција да му биде дадена за сопруга.
Во поновите објави, тој се пофали дека веќе се оженил со пет турски жени и испрати остро предупредување дека секоја следна закана од Турција кон него или кон Уганда ќе резултира со сериозен конфликт.
Претседателски амбиции и минати контроверзи
Педесет и двегодишниот син на актуелниот претседател не крие дека има високи политички амбиции и најави намера да се кандидира за претседател на изборите кои се планирани за оваа година.
Ова не е првпат неговите објави да предизвикаат хаос. Во 2022 година, тој беше отстранет од друга висока воена функција откако на „Икс“ отворено се закани дека неговата војска може да го заземе главниот град на соседна Кенија, Најроби, за помалку од две недели.