Мицкоски: Нема да дозволиме манипулации со чувствата на Албанците!

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за пратенички прашања истакна дека никој во државата не е против употребата на албанскиот јазик и дека оваа Влада нема да дозволи, како што рече тој, ДУИ да води ситен популизам на етнички теми.

Тој додаде дека сите граѓани се вреднуваат подеднакво, а не според нивната етничка припадност, нагласувајќи дека „ова е нова Македонија на проекти и реформи“.

„Никој не е против употребата на јазиците во Македонија кои ги користат делови од народите на одредени територии или на целата територија, во овој случај албанскиот јазик, и никој некогаш не го оспорил тоа“, потенцираше Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети.

Мицкоски додаде дека етноцентричните политики носат само негативни резултати и дека фокусот треба да биде ставен на политики кои реално влијаат врз животниот стандард на граѓаните.

Осврнувајќи се на досегашното владеење на опозициската партија, премиерот упати остри критики:

„За 20 години не направивте ништо, пред сè за Албанците. И тие се свесни – сакаат подобар живот, поквалитетно здравство, плати, пензии и подобро образование. Не им се потребни овие теми. Оваа Влада нема да дозволи манипулации со чувствата на Албанците. Луѓето во 21-от век стигнаа до Марс, а вие мислите дека со ситен популизам ќе добиете политички поени – тоа време заврши. Ова е поинаква Македонија, каде што секој граѓанин придонесува за иднината, не врз етничка основа, туку со повеќе проекти, политики и реформи“, порача премиерот Мицкоски од собраниската говорница.