Апелација пресече: Гинекологот Асани оди во затвор за осакатувањето на Јалдз Веапоска

Апелациониот суд во Битола ја отфрли жалбата и правосилно ја потврди тригодишната затворска казна за струшкиот гинеколог д-р Мухамед Асани. Тој е осуден за тешки дела против здравјето на луѓето, откако по рутински царски рез, родилката Јалдз Веапоска од Дебар остана без три здрави органи.

Покрај затворската казна, судот за гинекологот ја потврди и споредната санкција – петгодишна забрана за вршење на лекарската професија и дејност. Апелација ги отфрли како неосновани жалбените наводи на Асани дека медицинското супервештачење, кое беше клучно за пресудата, е неважечко бидејќи го изработиле лекари од приватни ординации, потврдувајќи дека таквата пракса е законски дозволена.

Повторено судење за соработниците

Правната разврска за овој случај сè уште не е целосно завршена. За другите двајца обвинети – синот на Мухамед, тогашниот специјализант Блертон Асани, како и гинекологот Лилјана Јовановска – Апелација ја укина првостепената ослободителна пресуда. Нивниот предмет е вратен на повторно одлучување, а новото судење е закажано за 6 мај.

„Умирав, а ми велеа дека глумам“: Агонијата на Веапоска

Медицинскиот хорор за Веапоска започнал на 27 август 2020 година во Општата болница во Струга. Откако била примена во 40-тата недела од бременоста, ѝ бил извршен царски рез кој примарно завршил без компликации. Но, вистинската драма настапила во постоперативниот период.

Таа со денови алармирала за својата состојба, но нејзините повици биле игнорирани.

„Само што се разбудив од операцијата, ме фатија големи стомачни болки. Ми рекоа немој да паничиш, ова не е ништо… Ме оставија така четири дена со болки. Стомакот ми беше толку отечен, што бремена бев помала. Одбив да одам дома. Кога дојде маж ми да ме земе, јас не можев да стојам на нозе. Ми велеа: ‘Зошто глумиш?’ Во тој момент се покажа дека не глумам, бидејќи паднав во шок, се тресев, плачев. Ми ги извадија органите и ме пратија речиси умрена во Скопје,“ раскажа Веапоска, присетувајќи се на голготата.

Фатална низа на лекарски пропусти

Според пресудата и наодите на вештаците, д-р Мухамед Асани постапил несовесно и применил очигледно неподобен начин на лекување.

Клучните пропусти утврдени на судењето вклучуваат:

  • Игнорирање на симптомите: И покрај тоа што крвната слика на пациентката континуирано и драстично паѓала четири дена, Асани не презел никакви дијагностички мерки (ултразвук, КТ на абдомен или вагинален преглед) за да го открие изворот на внатрешното крвавење.
  • Погрешна одлука за отпуст: На 31 август 2020 година, докторот се обидел да ја отпушти пациентката за дома, без да ѝ направи дури и контролна крвна слика.
  • Погрешно отстранување на здрави органи: Истиот ден, откако Веапоска паднала во хеморагичен шок, била итно вратена во сала. Асани забележал обилно крвавење во стомакот, но наместо да го лоцира вистинскиот извор (оштетување на левата бубрежна артерија), тој отстранил потполно здрави органи – матката, левиот јајник и јајцеводот.
  • Втора операција и борба за живот: Бидејќи крвавењето не престанувало ниту по отстранувањето на репродуктивните органи, била повикана хируршка екипа. Хирурзите утврдиле дека изворот е бубрежната артерија, која поради неможност да се реконструира, морала да се подврзе, што резултирало со отстранување и на левиот бубрег за да се спаси животот на пациентката.

Веапоска потоа била транспортирана интубирана и во критична состојба на КАРИЛ во Скопје.

Експертите пред судот беа децидни: уште првиот ден по царскиот рез постоела јасна клиничка слика дека родилката губи крв. Доколку навремено се направеле соодветни дијагностички постапки, немало да се развие тежок шок и да дојде до трајно осакатување на младата жена. Со оваа правосилна пресуда се става крај на обидите делото да застари, за што Веапоска со години континуирано алармираше во јавноста.