Вршителката на должноста министерка за надворешни работи на Бугарија, Надежда Нејнски, денеска изјави дека актуелната влада во Република Северна Македонија прави обиди да го заобиколи европскиот консензус поврзан со т.н. француски предлог, оценувајќи дека ваквите чекори претставуваат губење време за сопствените граѓани.
Во изјава за бугарската национална телевизија, Нејнски посочи дека „се прават секакви обиди за повторно отворање на преговарачки процес кој веќе е дефиниран“, додавајќи дека тие активности се насочени повеќе кон внатрешно-политичка употреба отколку кон реален напредок.
„Сите тие обиди се насочени кон сопствените граѓани, чие време навистина се губи со вакви политички игри, наместо да се почитува она што веќе е договорено“, истакна таа.
Нејнски ги отфрли тврдењата дека Бугарија ги зголемува своите барања во процесот, нагласувајќи дека позицијата на Софија останува конзистентна.
„Тврдат дека Бугарија постојано ги ескалира своите барања. Такво нешто не постои. Бугарија едноставно сака да ги заштити луѓето што имаат бугарски идентитет и да биде сигурна дека има сосед со кого може да гради нормални политички, економски и културни односи“, изјави таа.
Според неа, прашањето веќе не треба да се гледа како билатерален спор меѓу Скопје и Софија, туку како дел од поширок европски процес.
„Ова веќе не е билатерално прашање. Станува збор за односот меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Нормално е една земја-кандидат да се придржува кон европскиот консензус“, нагласи Нејнски.
Таа додаде дека во рамките на тој консензус спаѓаат обврските за прекин на говорот на омраза и вклучување на бугарското малцинство во Уставот, заедно со другите заедници.
Во контекст на последните тензии, Нејнски посочи дека инцидентите насочени кон лица со бугарска самосвест во земјата дополнително ја нагласуваат потребата од институционални гаранции и заштита на нивните права.
Изјавите доаѓаат во период кога евроинтегративниот процес на Северна Македонија повторно е во фокусот на јавноста, со засилени политички дебати околу исполнувањето на обврските преземени во рамките на преговарачката рамка со Европската Унија.