Хорор во Скопје: Ја држел затворена, ја тепал и силувал девојка која дошла од Германија.

Полицијата уапси 25-годишен скопјанец откако била откриена серија тешки кривични дела врз 22-годишна девојка која со денови била држена во заробеништво, физички малтретирана и сексуално злоупотребувана во неговиот дом во населбата Гази Баба.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, жртвата неодамна пристигнала од Германија во Скопје со намера да се сретне со осомничениот Е.А., со кого претходно се познавала. Наместо средба, девојката доживеала вистински кошмар.

Пеколот започнал на 23 февруари, кога во неговиот дом осомничениот физички ја нападнал, ја силувал и постојано ѝ упатувал закани по животот. За да ја држи под контрола и да спречи таа да побара помош, ѝ го одзел мобилниот телефон и ѝ забранил сама да го напушта домот.

Според полицијата, девојката со денови била изложена на насилство и изолација, без можност да контактира со своите блиски.

Спасувањето дошло на 4 март, кога жртвата успеала тајно да дојде до телефон и да ѝ се јави на својата мајка. Откако ја слушнала вознемирувачката приказна, мајката веднаш ја известила полицијата.

Екипи на СВР Скопје веднаш излегле на посочената адреса во населбата Гази Баба, направиле проценка на ризикот и ја извлекле девојката од домот каде што била држена против нејзина волја.

Осомничениот Е.А. бил уапсен на 5 март во 16:55 часот. За случајот е известен јавен обвинител, а од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на настанот против него ќе биде поднесена кривична пријава по брза постапка.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на случајот.