Управата за јавни приходи (УЈП) повторно не им го исплати повратот на ДДВ на сите граѓани кои скенирале фискални сметки преку системот за поврат на данок. Исплатата за последното тромесечје од минатата година требаше да се реализира најдоцна до крајот на февруари, но голем дел од граѓаните сè уште ги немаат добиено средствата.
Иако дел од корисниците го добија повратот во текот на март, други граѓани и натаму чекаат исплата, што предизвикува незадоволство кај оние кои редовно ги скенираат своите фискални сметки со цел да го остварат правото на поврат на дел од платениот данок на додадена вредност.
Ова не е првпат да има доцнење со исплатата. Слична ситуација се случи и за претходното тромесечје, кога исплатите исто така не беа реализирани во предвидениот рок.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, во ноември минатата година, кога исто така имаше проблеми со навремената исплата, изјави дека нема никакви пречки во процесот и дека граѓаните редовно се исплаќаат. Сепак, актуелните доцнења повторно го отвораат прашањето за ефикасноста на системот за исплата на повратот на ДДВ.
Граѓаните очекуваат институциите навремено да ги исполнуваат своите обврски, особено имајќи предвид дека програмата за скенирање фискални сметки беше воведена со цел да се поттикне даночната дисциплина и да се намали сивата економија..