Младиот политички аналитичар Умејр Мухамеди преку објава на социјалните мрежи отвори дебата околу суштинските прашања за националноста, етничката припадност и вистинските човекови вредности во нашето општество.
Според Мухамеди, неопходно е да се направи јасна дистинкција меѓу националноста и етничката припадност. Тој потенцира дека националноста ја одразува исклучиво правната и политичката поврзаност на поединецот со државата..
„По националност, сите што имаме македонско државјанство сме Македонци“, дециден е тој во својата објава.
Од друга страна, аналитичарот појаснува дека етничката припадност претставува културолошка поврзаност со одредена заедница. Во тој контекст, во рамките на државата граѓаните можат да бидат Албанци, Македонци, Турци, Роми и припадници на други заедници.
Сепак, Мухамеди оди чекор подалеку од политичките и демографските дефиниции, осврнувајќи се на најважната поделба во општеството. Тој нагласува дека примарната поделба меѓу граѓаните треба да биде исклучиво на „луѓе и нелуѓе“, и тоа врз основа на нивниот карактер, а не според биологијата или потеклото.
Најважно од сè, посочува аналитичарот, е граѓаните да размислуваат рационално и да се однесуваат на начин кој нема да им наштети на другите.
„Сè друго е безвезе муабет, емоција, политика, хипокризија и искривени вредности“, заклучува Мухамеди, испраќајќи силна порака за тоа што треба да биде приоритет во меѓучовечките односи.