Филипче: Власта ги манипулира граѓаните, нашиот пат до ЕУ е исклучиво преку уставните измени

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики кон актуелната власт, обвинувајќи ја за континуирана манипулација со граѓаните во врска со евроинтегративниот процес на земјата. Според него, единствениот пат за напредок и отворање на преговорите со Европската Унија води преку усвојување на уставните измени..

Како најнов пример за, според него, несериозниот однос на власта, Филипче го посочи случајот со Муцунски и неговата средба со колешката од Бугарија, Велислава Петрова Чамова. Лидерот на СДСМ истакна дека Муцунски првично се обидел да ја сокрие средбата од јавноста, а откако информацијата протекла, настанот го минимизирал тврдејќи дека станувало збор само за „размена на неколку зборови“.

Сепак, Филипче смета дека суштината на овој настан лежи во пораката што ја испратила бугарската претставничка. Таа на средбата со Муцунски јасно ставила до знаење дека прашањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав веќе не е билатерален проблем меѓу Скопје и Софија, туку исклучиво европско прашање кое е услов за натамошен прогрес.

„Јас сум на страната на европска Македонија и на страна на вистинските интереси на граѓаните. А, вистинските интереси на граѓаните се да се продолжат реформите и да се отворат преговорите со ЕУ. Нема друг пат напред за државата. Како тоа се постигнува? Се постигнува со тоа што ќе се направат уставните измени“, дециден е Филипче.

Осврнувајќи се на расположението во општеството, лидерот на опозицијата потенцираше дека анкетите јасно ја покажуваат изманипулираноста на народот како резултат на политичката пропаганда.

Тој посочи на парадоксот каде дури 80 проценти од граѓаните се залагаат за членство во ЕУ, додека само многу мал процент даваат поддршка за внесување на Бугарите во Уставот.

„Зошто кога тоа не е никаков ризик? Зошто кога тоа никако не го загрозува нашиот македонски идентитет. Тоа само беше дел од лажната кампања на ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Филипче во својата изјава, апелирајќи на разум и фокусирање кон реалните државни интереси.