Фатмир Лимани со остра порака по најавата на Мицкоски за избори: „Сакавте војна, наскоро ќе ви овозможам да се покажете“

Најавата на премиерот Христијан Мицкоски за скоро одржување на парламентарни избори веќе почна да ја бранува политичката сцена во земјава и да ги отвора старите рани во албанскиот политички блок. Меѓу првите кои реагираа е министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

Преку своите профили на социјалните мрежи, Лимани сподели објава од профилот именуван „Захир Пајазити“, на која е прикажана фотографија од премиерот Мицкоски под наслов „Наскоро ќе има парламентарни избори“.

Она што привлече најголемо внимание е описот под фотографијата кој Лимани го сподели, а кој содржи директна и провокативна порака:

„Со Фатмир Лимани сакавте војна, сега покажете колку вредите! Наскоро ќе ви овозможам да се покажете.“

Кулминација на раздорот со ВЛЕН

Оваа реобјава во политичките кругови се толкува како директна пресметка и ново поглавје во серијата реакции на Лимани, по неговите отворени несогласувања со лидерите на коалицијата ВЛЕН. Лимани, кој своевремено беше дел од Движењето Беса на Билал Касами, веќе подолго време е дистанциран од партиските структури.

Дека мостовите се урнати, неодамна јавно потврди и самиот лидер на Беса. Пред неколку недели, Касами јасно стави до знаење дека за Лимани повеќе нема место во нивните редови.

„Господинот Фатмир Лимани многу одамна ги прекина комуникациите со Движењето Беса и не гледам дека во нашето патување во рамките на ВЛЕН тој ќе биде дел од политичките комбинаторики“, истакна Касами за време на гостувањето на ТВ Алсат.

ВЛЕН се подготвува за официјално обединување

Реакцијата на Лимани доаѓа во исклучително важен момент за неговите доскорешни сопартијци. Оваа сабота, на 9 мај, коалицијата ВЛЕН треба и официјално да се претопи во една единствена политичка партија, со што ќе се консолидира пред најавените изборни предизвици.

Според досегашните најави, раководната структура на новата партија ќе изгледа вака:

  • Колидери: Изет Меџити и Билал Касами
  • Заменик-претседатели: Мимоза Муса и Беким Ќоку
  • Секретар: Беким Сали

Останува да се види како новата реторика на Лимани и најавените избори ќе влијаат врз понатамошната распределба на силите во пресрет на новата изборна трка.