Пораст за 90 првачиња во општина Тетово во споредба со лани

Во општина Тетово започна процесот на запишување на првачињата за новата учебна 2026/2027 година. Според официјалните податоци, годинава се очекува во основните училишта да се запишат 1.025 ученици. Споредено со минатата година, оваа бројка бележи пораст од околу 90 ученици (околу 10%), но локалните власти и понатаму стравуваат колку од овие деца реално се наоѓаат во земјава, а колку веќе се иселиле со своите семејства во странство.

Од Секторот за образование во Општина Тетово информираат дека уписите започнаа навреме и дека податоците од матичните книги на родените покажуваат позитивен тренд на зголемување на бројот на ученици. Сепак, како и претходните години, и оваа година се појавува истиот проблем – притисокот од родителите кои сакаат да ги запишат своите деца во училишта кои не припаѓаат на нивниот реон.

„Податоците што ги добивме од Управата за водење на матичните книги во општина Тетово покажуваат дека вкупно 1.025 деца се очекува да се запишат во учебната 2026/2027 година во 12-те основни училишта во нашиот регион. Според информациите од терен, процесот тече непречено, со исклучок на случаи каде одредени родители се обидуваат преку нотарски заверени документи да ги запишат децата во училишта надвор од реонот каде што живеат. Минатата година имавме 939 запишани ученици од албанска, македонска и турска националност, додека годинава ги очекуваме децата родени во 2020 година и во јануари 2021 година“, изјави Валдин Адеми од Секторот за образование во Општина Тетово.

Состојбата во ООУ „Лирија“ стабилна

Од основното училиште „Лирија“ во Тетово велат дека и оваа година се целосно подготвени за процесот и очекуваат бројката на ученици да остане на истото ниво како и минатата година.

„Како и секоја година, така и оваа започнува запишувањето на учениците во прво одделение. Годинава ќе имаме шест паралелки – четири на албански наставен јазик и две на македонски наставен јазик. Како институција сме целосно подготвени за овој процес. Според списоците што ни ги достави општината, немаме намалување на бројот на ученици, односно бројките остануваат стабилни како и минатата година“, изјави Фарије Касами, директорка на училиштето „Лирија“.

Парадоксот меѓу статистиката и реалноста

Иако бројките на хартија покажуваат оптимистички раст од околу 10% во однос на лани, реалноста на теренот честопати е поинаква. Процесот на запишување го рефлектира длабокиот јаз меѓу официјалните административни податоци и демографската реалност во Тетово. Поради масовниот тренд на миграција на младите семејства во странство, дури наесен ќе се знае точниот број на деца кои навистина ќе седнат во училишните клупи.

Дополнително, општината се соочува со административен притисок од родители кои преку разни маневри се обидуваат да ја заобиколат реонизацијата на училиштата, во потрага по образовни установи кои ги сметаат за поатрактивни за нивните деца.