По повод 123 години од смртта на великанот на револуционерното движење, Гоце Делчев, прилепчанецот Христо Михајлов во интервју за бугарската агенција БГНЕС зборуваше за историските факти, парадоксите на југословенското минато и потребата Илинденскиот апостол да биде мост за обединување меѓу луѓето во двете држави...
Христо Михајлов потекнува од познат прилепски род, чии предци жестоко настрадале за време на различните југословенски режими. Во разговорот, воден по повод годишнината од загинувањето на Делчев (кој иронично го дели датумот на смртта – 4 мај – со југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито), тој истакнува дека доколку не се разбере бугарската припадност на Делчев, не може да се разбере ниту суштината на ВМРО, ниту самата историја.
Парадоксот со Тито и Делчев во современа Македонија
Осврнувајќи се на фактот дека во Северна Македонија Гоце Делчев се слави како апостол, додека во исто време многу институции и улици сè уште го носат името на Тито, Михајлов ова го нарекува апсурд.
„Тоа е парадокс. Во Битола гимназијата, мислам дека сè уште се вика ‘Маршал Тито’, а дури и улицата кон бугарскиот конзулат го носи тоа име. Политичарите во Северна Македонија не можат или не сакаат да разберат дека Гоце Делчев и Тито немаат ништо заедничко. Да му кажевте на Гоце Делчев дека не е Бугарин – главата ќе ви летнеше. Тој се борел за Бугарија, а не за некакви ‘северни Македонци’ – тоа се празни муабети и лицемерие“, вели Михајлов.
Тој потсетува дека во првиот устав на ВМРО, напишан заедно со Ѓорче Петров, јасно е наведено дека организацијата обединува „Бугари“, а терминот „Македонци“ во национална смисла не постои во тие документи. Михајлов нагласува дека дури и македонските историчари, како Драги Ѓоргиев, признаваат дека бугарската национална припадност на Делчев не може да се негира.
Историската вистина наспроти пропагандата
Според Михајлов, обичниот народ во Северна Македонија го сака Гоце Делчев, но погрешно го перципира низ призмата на долгогодишната југословенска пропаганда, честопати доживувајќи го дури и како антибугарин. Тој го истакнува фактот дека српската историографија уште од времето на Југославија никогаш немала проблем со признавањето на бугарскиот идентитет на Делчев, додека во Скопје историјата се искривува.
„За да го заблудат народот, го поврзуваат дури и со Александар Македонски. Тоа се целосни глупости кои ќе продолжат сè додека Европа и Америка не извршат притисок. Инаку, вака им е поудобно“, смета тој.
Запрашан дали Гоце Делчев треба да ги обединува двата народа, Михајлов е категоричен:
„Да, треба да обединува. Но, луѓето мора да бидат на чисто дека тој бил Бугарин. Тврдењата дека се борел против Бугарската егзархија се целосна бесмислица.“
Тој додава дека југословенската пропаганда вештачки ги поделила револуционерите на „централисти“ и „врховисти“, нагласувајќи дека и левите и десните струи во ВМРО, вклучително и Јане Сандански (и покрај неговите контроверзни дејствија како убиството на Борис Сарафов), биле со јасна бугарска самосвест.
Олицетворение на највисок патриотизам
За Михајлов, Делчев е недвосмислен симбол на „бугарскиот патриотизам на највисоко ниво“.
„Се борел населението тука – во Вардарска и делумно во Егејска Македонија – да остане бугарско. Не само тој, туку и Никола Карев, Димо Хаџидимов, Јане Сандански, Ѓорче Петров, Пере Тошев – сите се бореле за бугарската кауза. Тие биле демократи и верувале во еднакви права за сите народи – Власи, Турци, Грци. Но, кога зборувале за ‘другите’, не ги споменувале Србите, бидејќи тогаш тука немало Срби. Тие се појавија по 1945 година, од економски причини“, објаснува прилепчанецот.
Младите ја дознаваат вистината преку интернет
На крајот од разговорот, Христо Михајлов изразува надеж, посочувајќи дека во Северна Македонија има многу интелигентни луѓе кои ја знаат вистината за великанот и за ВМРО.
„Денес, со интернетот и технологиите, можеш сè да научиш. Отвораш српски, грчки извори – насекаде пишува ‘бугарска организација’. Поинтелигентните луѓе го знаат тоа. Сум разговарал со млади луѓе во Прилеп – знаат англиски, читаат странски извори за Илинденското востание. Имало англиски, француски, грчки, српски, австриски мисионери во тоа време – и сите тие пишуваат за Бугари“, заклучува Михајлов.