Според најновите дефинитивни податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС), стапката на сиромаштија во Македонија за 2024 година изнесува 21,9 проценти. Ова значи дека повеќе од една петтина од вкупното население во земјава секојдневно води тешка битка за егзистенција, преживувајќи со приходи кои се под дефинираниот праг на сиромаштија.
Што значи сиромаштијата изразена во бројки?
Статистиката јасно ја исцртува границата на преживување. Прагот на сиромаштија за едночлено домаќинство изнесува 178.286 денари годишно.
За четиричлено домаќинство, пак, кое се состои од двајца возрасни и две деца помали од 14 години, овој праг е поставен на 374.400 денари годишно. Преведено во реално секојдневие, тоа значи дека овие семејства се обидуваат да ги покријат сите свои месечни трошоци – храна, сметки, образование и здравство – со само 31.200 денари месечно.
Најранливи се децата, многучлените семејства и самохраните родители
Анализата на податоците покажува дека кризата не удира подеднакво врз сите. Најкритична е состојбата кај семејствата со повеќе деца и кај оние каде што товарот паѓа само на еден родител:
- 54,8% е стапката на сиромаштија кај домаќинствата со двајца возрасни и три или повеќе издржувани деца.
- 45,8% од самохраните родители живеат во сиромаштија.
- 29,5% од децата до 17-годишна возраст растат во сиромашни услови.
Системски недостатоци и сивата економија како „амортизер“
Она што особено загрижува е фактот дека без државната интервенција, сликата би била катастрофална. Доколку се исклучат социјалните трансфери и пензиите, стапката на сиромаштија речиси би се удвоила и би достигнала вртоглави 39,4 проценти.
Според социологот Илија Ацески, коренот на проблемот лежи во отсуството на суштински социјални политики.
„Тоа значи дека механизмите коишто треба да профункционираат во една држава не функционираат. Во смисла да се создаде една состојба каде што на оние кои не по своја вина се сиромашни, државата треба да им овозможи елементарен опстанок во материјална смисла,“ објаснува Ацески.
Тој додава дека отсуството на социјални немири во вака тешки услови се должи на неформалната економија:
„Сивата економија на некој начин ги ублажува тие удари кои можат да следат и не создава претпоставка за социјални немири и протести. Инаку, како ќе претпоставите тие луѓе навистина да немаат елементарни претпоставки за живот, а сепак на некој начин ниту се бунтуваат, нити протестираат, нити бараат нешто повеќе.“
Работата и пензијата не секогаш гарантираат излез од сиромаштијата
Податоците рушат уште еден мит – дека само невработените се сиромашни. Иако дури 45,7% од невработените живеат во сиромаштија, статистиката бележи дека и 7,9% од вработените граѓани спаѓаат во оваа категорија. Иако кај вработените има благ пад во однос на 2023 година, состојбата се влошува кај најстарата популација.
Дури 12 проценти од пензионерите се сиромашни, а овој процент бележи раст во однос на 2023 година, и покрај линеарното покачување на пензиите од 2.500 денари.
Длабок јаз меѓу богатите и сиромашните
Дека општеството е длабоко поделено потврдуваат и статистичките податоци за распределбата на богатството.
Џини коефициентот, кој служи како главно мерило за нееднаквоста во едно општество, изнесува 29,2 проценти. Разликата е највидлива во податокот дека најбогатите 20% од граѓаните во Македонија имаат дури 5,2 пати поголеми приходи од најсиромашните 20% од населението.