Министерот или е неук или се прави луд: Албанските студенти изреволтирани, бараат правосуден испит на мајчин јазик

Мевлан Адеми, организаторот на неодамнешниот протест во Скопје на кој албанските студенти побараа правосудниот испит да се полага на албански јазик, порача дека тие не бараат ништо повеќе од она што им следува како право загарантирано со закон.

Во своето гостување во емисијата „Топ Стори“, студентот по право истакна дека секое право што Албанците го оствариле во Македонија е резултат на голема жртва. Тој дури нагласи дека дел од нивните родители „паднале како маченици“ само за да можат да го учат албанскиот јазик. Според него, институциите и државата стравуваат дека Албанците би можеле да добијат „премногу права“, додавајќи дека во оваа држава ништо не им е дадено бесплатно или незаслужено.

Од институција до институција, од лаги до одложувања

Објаснувајќи ја нивната борба, Адеми посочи на неажурноста и игнорантскиот однос на надлежните институции кон нивното барање.

„Јас сум Мевлан Адеми, студент по право. Нашето патување започна пред три години со барање на едно законско право. Во текот на овие години талкаме од институција до институција, од канцеларија до канцеларија, од лаги до ветувања, од ветувања до одолговлекувања. Тоа е нашата реалност. Нешто што бара еден ден за да се реши со одлука на министерот, кај нас трае две години. Тоа е горчливата реалност за нас,“ изјави Адеми.

Тој додаде дека проблемот не е ограничен само на правосудниот испит, туку со слични пречки се соочуваат и студентите од економските факултети, кои исто така мораат да ги полагаат државните испити на македонски јазик.

Бараат одлука од министерот за правда

Адеми се повикува на Законот за употреба на јазиците, усвоен во јануари 2019 година, нагласувајќи дека правната рамка е целосно јасна, но дека проблемот лежи во толкувањето на законите од страна на надлежните.

„Законот за правосуден испит не прецизира на кој јазик треба да се полага испитот, и тука министерот наоѓа изговор. Или е неук, или се прави луд. Потребна е само една одлука од министерот за правда за да се промени правилникот. Она што го гледаме во последните три месеци е само неговиот инаетлив став, и тоа е она што боли,“ посочува тој.

Преводот не е решение

Студентот е категоричен дека обезбедувањето превод не е суштинско решение на нивниот проблем. Тој потсети на фактот дека многумина од постарите правници биле принудени да студираат на македонски јазик бидејќи во минатото не постоеле универзитети на албански јазик.

„Ние зависиме од јазикот на кој зборува професорот. Преводот не е решение. Кај нас дури ни судските рочишта не се одржуваат на албански, туку на македонски јазик. Се што сме добиле во нашата земја, сме го добиле со жртва. Никој ништо не ни дал бесплатно. Овде имам колеги чии родители загинаа за да го учат албанскиот јазик. Тие учеа албански по подруми. Ограничувањето не е решение, туку инклузивноста. Ние имаме десетици проблеми, а тие се плашат дека ќе добиеме премногу права,“ заклучи Адеми..