Ахмети: Секој што ќе го допре албанскиот јазик ќе добие одговор

Лидерот на Демократска унија за интеграција, Али Ахмети, испрати остра порака во јавноста, нагласувајќи дека секој што ќе го доведе во прашање статусот на албанскиот јазик ќе се соочи со одговор. Во писмо објавено на социјалните мрежи, Ахмети порача дека албанскиот јазик не е прашање на политичка волја, туку уставно загарантирано право и темел на државноста.

„Секој што го доведува во прашање албанскиот јазик, ја доведува во прашање и иднината на државата“, истакнува Ахмети, додавајќи дека нема достоинство без неговата официјална употреба. Според него, секој обид за ограничување или релативизирање на ова право претставува директен предизвик на уставниот поредок.

Реакцијата на лидерот на ДУИ доаѓа во момент кога Венецијанска комисија испрати мислење до Уставен суд на Северна Македонија во врска со иницијативите за оспорување на Законот за употреба на јазиците. Ахмети побара Судот да не делува, како што вели, како „параполитичка институција“, туку да ја заштити уставноста и еднаквоста во државата.

Во писмото, тој потенцира дека албанскиот јазик е „стекнато право“, а не привилегија, предупредувајќи дека секое негово доведување во прашање ќе има политички и општествени последици.

Иако не ја спомена директно, Ахмети испрати порака и до владејачката ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ја реториката дека во државата постои само еден официјален јазик. Според него, таквите ставови не се во духот на европските вредности и наместо да придонесуваат за стабилност, создаваат тензии и продлабочуваат поделби.

„Оваа реторика не носи мир, туку создава напнатост; не гради мостови, туку продлабочува поделби“, наведува Ахмети, предупредувајќи дека ваквите позиции можат да го нарушат соживотот во земјата.

Во меѓувреме, предметот за Законот за употреба на јазиците останува отворен пред Уставниот суд. Според неофицијални информации, конечната одлука се очекува откако ќе биде комплетиран составот на Судот со изборот на преостанатиот уставен судија.