Али Ахмети: Јас ја уништив Југославија, не претставувам мачки туку лавови.

Али Ахмети на брифинг со новинари изјави дека токму тој одиграл клучна улога во распадот на поранешна Југославија, нагласувајќи дека неговото политичко и национално дејствување траело со децении. Тој предупреди дека доколку одлучи да излезе на улица, тоа би било „без враќање“, алудирајќи на сериозни политички последици.

Според Ахмети, во Македонија нема друг политички актер кој подобро знае како се гради национализам. Како што истакна, повеќе од дваесет години го реализирал својот проект, започнат уште во 1981 година, а кулминиран во периодот до 2001 година.

Тој нагласи дека во своите јавни настапи никогаш не се занимавал со конкретни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или Влен, туку директно им ги соопштувал своите ставови на оние кои ги нарече „вазали“, особено во периодот од 2002 до 2025 година. Според неговата оценка, тие не нудат трајни и одржливи решенија за државата, пренесуваат медиумите кои присуствувале на брифингот.

Ахмети додаде дека таканаречениот план А и понатаму останува насочен кон развој и напредок на државата, изразувајќи надеж дека нема да има потреба од активирање на планот Б.

Во тој контекст, тој повторно потенцираше дека неговото евентуално излегување на улица би претставувало конечен чекор, нагласувајќи дека не е претставник на „мачки“, туку на „лавови“, со што испрати порака за решителност и сила.