Само една недела по поставувањето и свеченото палење на новогодишната декорација на плоштадот „Македонија“ во Скопје, дел од празничните украси веќе се цел на вандализам и кражба.
Од централниот градски плоштад е украдена една помала новогодишна елка, додека целосно е уништена макетата во форма на адвент-календар, која беше поставена како дел од празничното уредување и привлече внимание кај граѓаните, особено кај најмладите.
Инцидентот се случува кратко по 15 декември 2025 година, кога официјално беше вклучено новогодишното осветлување во градот. И покрај видливата штета, засега нема официјални информации од Град Скопје или од Министерството за внатрешни работи дали случајот е пријавен, ниту дали ќе биде покрената истрага за утврдување на одговорноста за кражбата и уништувањето на јавниот имот.
Годинава, новогодишната декорација на Скопје чинеше околу 53.000 евра. Таа вклучуваше главна елка висока 13 метри, 3Д фигури во форма на мечиња и подароци, големи светлосни ѕвезди, таканаречено „ѕвездено небо“ од лед-мразулци, како и други декоративни елементи распоредени низ централното градско подрачје.
Случајот повторно го отвора прашањето за заштитата на јавниот простор и потребата од поголема грижа и одговорност кон заедничките градски содржини, особено во периоди кога тие се наменети да донесат празнична атмосфера и радост кај граѓаните..