Бугарски бизнисмен со порака на човечност: „Подаваме рака на Охрид, затоа што човечноста стои над политиката“
Во време на зголемени тензии меѓу Бугарија и Северна Македонија, бугарскиот бизнисмен Иван Петлешков испрати порака на единство и добрососедство преку конкретен гест. Заедно со здружението „Браво Пловдив“, тој донираше професионален подводен дрон на нуркачкиот клуб „Охрид“ – најстариот клуб од овој вид во земјата, со повеќе од 40 години историја и стотици доброволни акции за безбедност и чистота на Охридското Езеро.
„Решивме да направиме нешто едноставно, но вистинско – да подадеме рака“, напиша Петлешков во својот статус на социјалните мрежи. Тој ја истакна топлата добредојдба и посветеноста на охридските нуркачи, кои, според него, работат со срце и желба да прават добри дела без политички мотиви или лична корист.
Дарувањето е формализирано со меморандум, но, како што нагласува бизнисменот, „вистинската вредност беше во човечкиот контакт, во почитта и довербата“. Нуркачкиот клуб се обврзал да го користи дронот во потраги, меѓу кои и обид да се пронајде телото на исчезнатиот пловдивски нуркач Илија Танчев. Техниката, исто така, ќе помогне во зачувување на чистотата на езерото и во научни истражувања.
„Верувам дека така треба да ги градиме односите меѓу нашите држави – преку реални дела, преку заемна поддршка и добрососедство. Кога си подаваме рака во тешки моменти, стануваме повеќе од соседи – стануваме пријатели“, порача Петлешков.
Овој чин на солидарност е пример дека човечноста и добрината можат да бидат мост меѓу народите, дури и во време на политички недоразбирања.