По изборниот пораз во Брвеница, кандидатот за градоначалник од движењето ВРЕДИ, Хаќим Рамадани, објави дека останал без работа и дека својата иднина ја гледа во приватниот сектор.
Рамадани, кој изгуби со тесна разлика од околу 150 гласа од кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, вчера на својата официјална страница на Фејсбук напиша дека од денеска е невработен и дека ќе бара ангажман исклучиво во приватни компании.
„Од денеска сум невработен. Дипломиран економист сум. Барам работа само во приватни компании,“ напиша тој, додавајќи дека е подготвен за нови професионални предизвици надвор од политиката.
Неговата објава следува по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе го разреши Рамадани од функцијата директор на Инспекторатот за локална самоуправа, поради неговите предизборни настапи во кои, според премиерот, се злоупотребувале етничките теми.
Мицкоски по завршувањето на изборите изјави дека граѓаните на Брвеница испратиле јасна порака за единство и дека не дозволиле политичка кампања заснована на етнички поделби да победи.
„Беше жилава и тешка борба, но Брвеница избра мир и заедништво. Тој што се обиде да профитира на национални поделби, не успеа – поразен е,“ рече Мицкоски.
И покрај изборниот пораз, Рамадани останува активен на социјалните мрежи и добива поддршка од симпатизери кои го охрабруваат да продолжи со работа надвор од политиката.
Со оваа објава, поранешниот кандидат испраќа порака дека ќе ја продолжи својата кариера на пазарот на трудот, без привилегии од државата и со верба дека знаењето и искуството можат да се валоризираат во приватниот сектор.