Кандидатот за градоначалник на општина Чаир од редовите на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, му ја честита победата на својот противкандидат од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Османи порача дека ги почитува пораките на граѓаните изразени преку изборите и најави дека наскоро ќе ги соопшти своите идни политички чекори.
„Честитки до мојот противкандидат и целата коалиција што застана зад него. Тие се победници на изборите во Чаир и им посакувам успех во водењето на општината во следните четири години. За следните политички чекори, во следните денови“, напиша Османи.
Со оваа порака, Османи упати јасен сигнал за демократска фер-плеј култура, потенцирајќи дека е „доволно долго во политиката за да ги препознае и почитува пораките на граѓаните“.
Изет Меџити, кој настапуваше како кандидат на коалицијата ВЛЕН, го освои градоначалничкото место во Чаир, една од општините со најголема политичка тежина во Скопје.