Соопштение на СДСМ, преку претседателката на Форумот на жени Даниела Колева, повторно ја разбуди најмрачната вистина – државата денес не ги штити своите граѓани, туку ги остава да умираат заборавени и предадени. Двојното убиство во Велес не е само трагедија, тоа е национална катастрофа и жив доказ за институционален распад под ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ алармира дека Росица, денес убиената жена, со месеци викала на помош. Над 70 пати пријавувала тепање, закани, кражби, па дури и палење на автомобил. Полицијата на Тошковски, наместо да ја заштити, молчела и ништо не презела. Нема забрана за приближување, нема мерки, нема ниту минимален обид да се спречи трагедијата.
„Животи што можеа да бидат спасени – беа изгубени поради негрижа“, предупредуваат од СДСМ. Центарот за социјална работа, кој требаше да биде последната заштита, ја оставил Росица сама, без засолниште, без проценка на ризик, без подадена рака.
Суровата реалност е дека институциите не само што потфрлиле – тие ја потпишале смртната пресуда. Насилникот, иако со повторувани и сериозни закани, не бил третиран како високоризично лице. Државата ја оставила жената во рацете на својот џелат.
Ова, велат од СДСМ, не е поединечен случај, туку слика на Македонија денес – земја каде што жените не се заштитени, каде што секое молчење на институциите е соучесништво во убиство.
„Оваа трагедија е институционален срам и мора да има одговорност. Бараме итна ревизија на случајот и санкции за сите службеници кои молчеле додека животот исчезнуваше,“ порачуваат од СДСМ.
Велес денес е град во црно, Македонија е држава во очај. И додека семејствата тагуваат за уште еден фемицид, народот останува со горчливото чувство дека институциите што треба да штитат – денес убиваат со своето молчење.