Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, вечерва во емисијата БИЗНИС21 остро го критикуваше новиот закон за извршување, оценувајќи дека тој мора да биде повлечен и повторно разгледан со учество на синдикатите.
Според Ристески, граѓаните го извлекуваат „најдебелиот крај“ од постапките за наплата на долгови, бидејќи првичен долг од 500 денари може да прерасне во обврска од дури 17 до 18 илјади денари поради дополнителни трошоци.
„Сметка од 500 денари станува илјадници“
Ристески објасни дека наместо компаниите директно да го известат граѓанинот за заостанат долг, тие ангажираат адвокати, со што веднаш се создаваат дополнителни трошоци.
„За сметка од 500 денари, компанијата ангажира адвокат кој само ќе напише допис и ќе наплати околу 6.000 денари. Така долгот веднаш расте на 6.500 денари“, рече тој.
Потоа, според неговите зборови, следува нотарска постапка, која дополнително ја зголемува сумата за уште 3 до 4 илјади денари. Во меѓувреме, граѓанинот често не е директно контактиран.
„Како демек те барале, па не те нашле, а граѓанинот треба секој ден да оди во суд и да проверува дали има предмет против него. Ова е тешка глупост“, изјави Ристески.
Блокада и енормен раст на долгот
Откако ќе се вклучи извршител, постапката кулминира со блокирање на сметки и присилна наплата. На крајот, како што нагласи Ристески, вкупниот долг може да достигне и до 17–18 илјади денари.
„На душман ваков закон не може да му донесеш“, порача тој, додавајќи дека законот мора да се повлече и да се отвори широка јавна дебата со вклучување на синдикатите и засегнатите страни.
Ристески потенцираше дека целта треба да биде правична и транспарентна наплата на долгови, без непропорционално оптоварување на граѓаните со високи административни и правни трошоци.