Љубчо Георгиевски: За каква „бугаризација“ зборуваме кога Македонија се соочува со србизација?

Поранешниот премиер на Северна Македонија, Љубчо Георгиевски (1998–2002), во интервју за македонскиот портал „Рацин“ упати остри критики кон, како што вели, политичкото лицемерие во државата, особено во однос на прашањата за националниот идентитет, историјата и културата.

Според Георгиевски, Македонија е сведок на сериозна и долготрајна узурпација – не само на македонската историја, туку и на македонското сегашно културно и општествено битие – од страна на Србија, додека институциите и т.н. патриотски структури молчат.

„Сите се патриоти – освен кога станува збор за вистинската закана“

„Ме иритира политичкото лицемерие на кое сме сведоци. Не само во владините структури, туку и кај разни националистички здруженија, партии и поединци. Постојано зборуваат против Грците, Албанците, Бугарите, а никој не зборува за процесот на српска асимилација кој се одвива пред нашите очи“, истакна Георгиевски.

Тој предупреди дека асимилацијата започнува од јазикот. Наместо да се прашуваме дали македонскиот јазик постои, вели тој, треба да се запрашаме колку Македонци навистина го користат правилниот литературен јазик – во медиумите, во музиката, во јавниот говор.

„Суштинската заштита на македонскиот јазик е да го заштитиме од самите себе. Јазикот постои, ние го зборуваме – но прашањето е како“, нагласи поранешниот премиер.

Култура со српски песни и декларативен патриотизам

Георгиевски посебно се осврна на културната сфера, која, според него, речиси и да не покажува македонски карактер. Како пример ги наведе свадбите и крштевките, каде, како што рече, во 95 проценти од случаите се пеат српски песни, а македонска песна се пушта „само затоа што сме Македонци“.

„Истите тие луѓе потоа ни држат лекции за македонски патриотизам и национализам“, вели Георгиевски.

„Борба против бугаризација“, а тивка србизација на историјата

Особено остар беше Георгиевски кон, како што ја нарече, лажната борба против „побугарувањето“ на македонската историја. Според него, додека се создаваат фронтови против Бугарија, во последните години се случува радикална србизација на македонската историографија.

„Дури ни комунистите не го дозволија ова. Дури и Лазар Колишевски имаше јасна црвена линија кон српскиот национализам и великосрпската политика“, истакна тој.

Георгиевски предупреди и на целосна рехабилитација на Југославија на Караѓорѓевиќ во Македонија – преку филмови, медиуми и официјални државни манифестации. Тој наброја низа настани како Зебрњак, Кајмакчалан, Битолската победа, Брегалничката битка и други, на кои, како што рече, се појавуваат македонски државни симболи, се интонира химната и учествува почесната гарда.

„Нема поголем симбол на заедничка историја од тоа. Македонската почесна гарда денес се постројува почесто на српски празници отколку на македонски“, нагласи Георгиевски.

Дополнително, тој алармираше дека на овие манифестации се користат термини како „Јужна Србија“, „Стара Србија“ и „ослободување на Стара Србија“, без никаква реакција од домашните патриотски структури.

„Кого правиме на глупак во оваа држава?“, праша реторички поранешниот премиер.